Се враќаат ли влегувањата преку ред во здравствените установи?

Пациентите револтирани, со новите упати се враќа влегувањето со врски во здравствените установи

Збунувачки, непотребни, чекор назад во здравствените реформи, вака ги оценуваат пациентите новите измени во националниот систем Мојтермин. Наместо да понудат поедноставување на процедурите со новините, новите упати придонесоа за поголем револт кај пациентите.

-Се враќаме кон она старото, влегување преку врски. Кога имаш термин баш и не може некој да влезе преку врски толку јавно, сега со новите измени ќе влегуваат оние кои имаат роднини, пријатели во болниците, како што и беше пред воведувањето на Мој термин-коментира-повозрасна кумановка.

Нејзиниот сопруг редовно оди на лекар, бидејќи е хронично болен од кардиоваскуларни заболувања.

-Мене лично, многу ми се допаѓаше воведувањето на Мој термин. Бев еден од ретките кој на стартот го бранев, бидејќи веќе деценија сум во болници и вистински ме револтира влегувањето преку ред. Сметам дека со овие новини ќе се зголемат турканиците во установите-вели Шукри. З од Куманово.

Новите упати ги збунија матичните лекари и медицинските сестри вработени во приватните здравствени установи.

-Доколку имам недоумица го враќам пациентот, го замолувам да чека или да се врати нареден ден, па да издадам упат кој важи 72 часа-вели медицинска сестра вработена во приватна здравствена установа во Куманово.

И таа вели дека е свесна, бидејќи на овој начин дополнително ги оптеретува пациентите кои мораат да доаѓаат два пати за еден упат, но вели дека мора упатот да соодвествува за потребната нега која треба да ја добие пациентот.

Министерството за здравство и Управата за електронско здравство во соопштението до медиумите информираа дека овие новини во националниот систем Мојтермин, имаат за  цел подобрување на здравствената евиденција и поедноставување на работата на здравствените работници, додавајќи дека ќе со новините ќе воведат оптимизација на процесот на упатување на пациентите и побрзо добивање на услугата која им е потребна на пациентите.

Првиот тип е „Итен 24“, кој лекарот го издава поради  животозагрозувачка/итна состојба и е битно пациентот да биде прегледан од специјалист, односно супспецијалист или да му биде извршена одредена дијагностичка процедура во рок од 24 часа.

Вториот тип на упат се нарекува „Упат без термин“ и се користи во случај кога пациентот има потреба од преглед, поврзан со остварување одредено право и прегледот треба да се изврши во следните седум дена. Овој тип на упат ќе се користи доколку во установата каде што се упатува пациентот не постои слободен термин во следните седум дена за регуларен преглед.

Токму за овој упат, пациентите  сметаат дека дополнително ќе се создадат турканици во болниците, дека дел од пациентите ќе ги искористат за да влезат преку ред, да завршат своја работа.

-На овој начин, обично влегуваат оние кои имаат врски, на кои не им се чека и ќе создадат дополнителна гужва, а знаете дека досега имаше. Не ми се допаѓа овој упат-вели мајка на четиригодишно дете.

Овој упат се користи за остварување права и обврски на осигурениците од задолжително здравствено осигурување  препорака за боледување,  препорака за користење хронична терапија,  препорака и издавање ортопедски помагала,  остварување право на БПО, остварување други права за кои е потребно мислење од специјалист/супспецијалист/ конзилиум на лекари, преглед/аплицирање терапија, која поради здравствената состојба треба да се изврши во рок од 24/48/72 часа.

Новина е и што болниците ќе го издаваат  отпусното писмо на денот на испишување на пациентот од болница, а најдоцна во рок од 24 часа. Доколку за пациентот се чека хистопатолошки наод се издава отпусно писмо со работна дијагноза, а по добивање на резултатите и отпусно писмо со конечна дијагноза.