Стотина Роми од Шутка живеат во мизерија: без вода, струја и во депонија

Текстот е преземен од www.novatv.mk

 

Без вода, струја и во огромна депонија живеат стотина Роми во улицата „Брсјачка буна“ која се наоѓа во општина Шуто Оризари. Додека во центарот на Скопје се расфрлаат милионски суми за споменици, на само неколку километри Ромите живеат во мизерни услов, велат граѓаните на Шуто Оризари.

Во маалото, познато како „Брсјачка буна“ има околу 100 деца кои не одат на училиште затоа што немаат пари, немаат вода да се избањаат и чиста облека за на училиште. Жителите велат дека цело маало полни вода само од две рачни пумпи.

„Немаме вода ниту за пиење, а да не зборам за готвење, перење и бањање. Цел ден работиме, собираме шишиња, пластика и железо за да преживееме. Кога ќе дојдам дома правам јадење со нечисти раце затоа што немам вода да ги измијам. Нашите деца се разболуваат од шуга и туберколоза, затоа што немаме вода, вели за НОВА, жителка на „Брсјачка буна“.

Жителите велат дека немаат ниту вода, ниту струја.

„Живееме многу лошо, немаме канализација, немаме вода да се бањаме. Нашите деца се нечисти и полни со вошки и не ги пуштаме во школо затоа што ги бркаат од таму. Неколку деца од маалото се разболеа од жолтица. Не не гледа никој, немаме ниту социјална помош“, вели еден жител на „Брсјачка буна“.

Селмани Кимета вели дека живее со две болни деца во многу лоши услови за живеење.

„Немаме вода за пиење, но затоа пак цело време живееме под вода кога ќе заврне дожд. Немаме никакви услови за живот, и јас сакам со моите деца да живеам нормално како сите луѓе“, вели Кимета.

Демировски Џеваир објаснува дека неколку дена со жена му и трите малолетни деца спијат на земја, затоа што кога врне цела куќа му се поплавува.

„Немам добар покрив, ниту цврста подлога и кога врне од земјата пропушта вода, како вулкан. Моментално спиеме на земја немаме ниту тепих да поставиме на земја, ниту ќебиња да се покриеме додека спиеме. Ова е беден живот“, вели Демировски.

Од општината Шуто Оризари велат дека во наредниот период ќе започне реализацијата на проектот за водоснабдување, вклучувајќи ја и најпроблематичната улица „Брсјачка буна“.

„Во соработка со Министерство за финансии и Градот Скопје, општина Шуто Оризари, договори изградба на нова водоводна мрежа која во целост ќе ги задоволи потребите на општина Шуто Оризари во наредните 50 години. Вредноста на овој проект е 3,6 милиони евра, каде општина Шуто Оризари ќе учествува со 500 илјади евра. Постојната водоводна мрежа која е изградена во 1963 година не е доволна за основните потреби на граѓаните на општината. Инвестирањето на еден ваков капитален проект е од огромно значење, бидејќи во 21 век е незамисливо во општина со околу 40 илјади жители и која е оддалечена само неколку километри од центарот на градот, граѓаните да немаат вода за пиење“, велат од општината.

Ромите се почесто ја напуштаат државата поради лошата социо- економска состојба. Затоа во Штутгарт се одржаа демонстрации на организациите за човекови права, поради новиот нацрт-закон, кој го предложи германската влада, а со кој Македонија, Србија и Босна и Херцеговина се прогласуваат за несигурни земји.

Тоа би значело дека барањата на граѓаните од тие земји за азил во Германија можат да бидат одбиени по брза постапка како „очигледно неосновани“. Со тоа ќе бидат погодени пред се’ Ромите, кои владата во Берлин ги смета за економски бегалци, односно луѓето кои само бараат спас од лошите услови за живот. Тоа поедноставување владеачките политичари постојано се обидуваат да и’ го наметнат на јавноста како аргумент во прилог на новиот закон, јавува Дојче веле на македонски јазик.

Организациите за човекови права и заштита на бегалците сметаат дека тој закон е крајно некоректен. Организацијата „Про азил“ објави информации за ситуацијата на Ромите во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, кои се изнесени во извештаите на Комисијата за човековите права на Советот на Европа, Министерството за надворешни работи на САД, ОБСЕ, Европската комисија, Европската комисија против расизам и нетолеранција, како и бројни организации и медиуми.

Организацијата „Амнести интернешнал“ се согласува со оценка дека ако Ромите немаат пристап до чиста вода за пиење, образование и медицинска нега, ако нивните населби присилно се празнат, ако тие се осудени на тежок живот надвор од нормалниот систем на државна грижа, сите тие фактори имаат сеопфатно и кулулативно дејство, кое и тоа како може да се третира како прогон.

http://novatv.mk/index.php?navig=8&vest=16833&cat=18

Leave a Reply