Со кој политичар би се замениле и зошто?

Анкета

Доколку ви се пружи шанса, дали би се замениле со некој политичар?

Веројатно во државава обременета со политика не постои полнолетен граѓанин кој не размислувал на оваа тема и кој не би одговорил потврдно на ова прашање/дилема. Желбите се големи, мотивите различни, а нормално, сите точно знаат што би смениле, што би поправиле, што му треба на народот и како тоа да се направи. Она што особено изненадува, често е прецизноста на перцепцијата за тоа што навистина и е потребно на Македонија, која за разлика од онаа на актуелните политичари, речиси секогаш е „на место”.

Интересно е и тоа што најголем дел од граѓаните би се менувале со локални политичари, за конечно да ги решат проблемите со кои се соочуваат, како невработеноста, сиромаштијата… Тоа веројатно произлегува од неефективноста и незаинтересираноста на сегашните домашни политичари да ги решат нивните проблеми. Но, има и такви кои сметаат дека поголем предизвик е да се биде претседател на САД, на пример, или, пак да се искуси положбата на еден диктатор.

Северџан (40) од Прилеп на пример, сака да се замени со Министерот за финансии, за да го зголеми буџетот за Ромите и да обезбеди нивна поголема вработеност.

Неговата сограѓанка Бети (36) сака да се замени со Министерот за труд и социјална политика за да овозможи подобри услови за корисниците на социјална помош и за вработените со Договор за дело да им овозможи да добијат решенија.

„Сакам да се заменам со Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, за да ја претставувам Македонија во подобро светло”, вели Аднан (30) од Прилеп.

И Шенај (35) од Штип би се заменил со Никола Попоски бидејќи смета дека тој слабо ја води надворешната политика на Македонија.

„Би се заменил со Ѓорѓе Иванов бидејќи според мене тој е најслаб политичар во државава, слаб оратор и лошо нè преставува во меѓународната заедница. Тој е најслабата карика на ВМРО – ДПМНЕ”, вели Адем (44) Штип.

Ванеса (21) од Штип е една од ретките што не би сакала да се замени со ниту еден политичар. За неа, политиката е загубено време и променлива работа. „Денес си на голема позиција, а утре си никој и ништо”, вели Ванеса.

Штипјанецот Ерол (42) би се заменил со Никола Груевски поради позицијата и огромната моќ што тој ја има за одлучување на многу важни прашања.

И Мики (37) би се заменил со премиерот Груевски, бидејќи така би можел да ги промени сите недостатоци што актуелниот премиер не може да ги исполни, како работничките права, станбените права и административните права.

Емран (25) од Штип, пак, би се заменил со Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, бидејќи според него, тој лошо го води министерството.

„Со Бранко Црвенковски. Подобар оратор од него во Македонија ниту имало ниту ќе има. Тој има знаење од секоја област”, вели Орхан (23) од Скопје.

Сузана (42), пак, би се заменила со Амди Бајрам.

„Сметам дека доколку би била на неговото место, би можела да ги извршувам сите надлежности и функции на многу повисоко и поефективно ниво”, тврди таа.

Крсте (24) од Скопје не сака политичари. Ама ако мора, тогаш тој би избрал да биде на местото на некој диктатор.

„На пример Фидел Кастро од Куба, бидејќи што и да речам ќе мора да биде така”, рече Крсте.

С.С.(48) од Скопје би се менувал со местото на претседателот на САД, Барак Обама.

„Би го имал целиот свет на дланка”, смета (С.С.).

 

Во изработката на анкетата учествуваа мотиваторите Сара Сејфула, Марјан Асановски, Нурија Дервишоски и Демирша Османов.

 

 

 

Leave a Reply