Лек во аптеките, после 10-ти во месецот, нема ниту за лек

 

Не бива ова вака, после десетти еден ден да задоцниш плаќаш за лековите од сопствен џеб, револтирано коментира повозрасен кумановец во аптека во центарот на Куманово. Тој даде околу 1.500 денари за лекови за притисок, срце, за реума. Уредно имаше рецепти, но аптекарката вели дека веќе немаат на позитивна листа, туку ако ги сака ќе мора да ги плати.

-Еве дете од 12.000 пензија 1.500 за лекови, а за цел живот работев во градежништво, цел век ми одбиваа за здравствено осигурување. Жално е што државата не се грижи за нас повозрасните. Не е фер цел живот одвојуваш за здравствено и сега пак плаќам – вели пензионерот.

Аптекарката ништо не коментира, туку само типка на компјутерот, иако не и сеедно што слуша.

Млада мајка со дете трпеливо чека и тивко ги мрда усните, прерачунувајќи се колку ќе треба да плати за лековите. Таа побара сируп амоксилав и уште едни капки за нос.

-Нема на рецепт, всушност мералис не оди на рецепт- вели аптекарката.

Мајката слегна со рамениците и ги побара лековите. Плати околу 500 денари.

Граѓаните се револтирани. Велат после десетти лек на рецепт, нема ниту за лек. Од аптеките се правдаат дека квотите биле потрошени.

Во аптеката влегува помлад човек. Задишано вели дека го поминал целиот град, барајќи терапија против алергија.

Се гушам, а трчам по цел град да најдам на рецепт. Сегде исто, нема -додава тој.

Приближно плати околу 2000 денари за потребната терапија.

Прескапа е коментира, иако, редовно си плаќам сам осигурување, оти си имам фирма – вели младиот кумановец.

Најскапи се инхалациските стероиди. Нивната цена се движи од 300 па до 1500.

-Навистина го олеснуваат дишењето. Но, секој месец давам скоро 1000 денари за инхалации за децата – вели мајка на четири и шест годишно дете.

Прашавме во различни аптеки во Куманово, зошто ги нема лековите на рецепт после извесен период, одговорот насекаде беше ист, квотите се исполнети. Граѓаните за овој проблем револтирано коментираат секој месец, но проблемот не се решава.