Корисници на кредити за домување исклучиво Ромки

Жените Ромки чувствуваат поголема обврска и водат поголема грижа за правилно користење на заемите и за отплата на кредитите, посочува Васил Давалиев, извршен директор на  Микрокредитната Фондација Хоризонти од Скопје

 

Кредит за домување, односно за поправки, санирање покриви, прозорци, промена на инсталација, доградба, реконструкција на домот до 150.000 денари, посебно за населението во Македонија што живее во субстандардни услови. Ваков кредит нуди Микрокредитната Фондација Хоризонти од Скопје. Со оглед на целните групи кои ги поддржува Фондацијата, голем број корисници на таквиот кредит се Роми. Но, да биде приказната уште поинтересна, Фондацијата има многу интересна политика – корисници на кредитот за домување се исклучиво жени Ромки.

Васил Давалиев, извршниот директор на Фондацијата Хоризонти објаснува зошто е тоа така:

– Тоа е така, бидејќи жените Ромки чувствуваат поголема обврска и водат поголема грижа за правилно користење на заемите и за отплата на кредитите, посочува Давалиев.

Од Фондацијата велат дека за нивните микро-кредити ромското население дознава директно од вработените во канцелариите, кои што контактираат со жителите на ромските населби. Веста претежно се шири преку word of mouth, без некои конкретни кампањи и промоции. Микрокредитирањето партнерски се работи со организацијата Хабитат Македонија. Заклучно со 31 декември 2011 година Хоризонти има доделено 376 микрокредити. Од барателите 70 отсто се Роми. Од клиентите, 100 проценти се жени со просечна старост од 41 година.

Микрозаемите претежно се доделуваат на корисници на мали заеми за бизнис, со кои фондацијата Хоризонти почнала да се занимава од 2007 година. Микрозаеми може да земат граѓани од ромска националност кои имаат некакви приходи, луѓе кои имаат мали бизниси.

Корисниците може да земат друг кредит штом ќе го исплатат претходниот. Фондацијата Хоризонти има отворено канцеларии во Скопје, Гостивар, Прилеп, Битола, Велес, Кочани и во Струмица.

Фондацијата нуди кредити за микро-бизниси, земјоделски кредити и кредити за домување. Во досегашното работење, Хоризонти исплатило повеќе од 30.000 кредити за поддршка и развој на малите бизниси и за потребите за домување.

 

[galleryview id=15]

Leave a Reply